Расте интересот за познатиот туристички воз на Туркије, наречен Туристички источен експрес, што сообраќа на релација Анкара – Карс. Ова патување со железница денес важи за едно од најбараните и најпопуларните, наменето токму за туристи. Станува збор за ноќна сценска возна линија низ Источна Анадолија, која е особено атрактивна во зима, поради богатите снежни пејзажи што се гледаат низ анадолските рамнини и планини. Удобните купеа со кревети, ритамот на шините и неколкуте застанувања за разгледување, прават ова патување да не се доживува како обичен превоз од една до друга точка, туку како специјално доживување. Линијата сообраќа три пати неделно во двата правци меѓу Анкара и Карс, а едно патување трае околу 24 часа.

Иако и двете возења се атрактивни, сепак, најпопуларен избор е линијата која стартува од престолнината и завршува во историскиот град. Билетите за Туристичкиот источен експрес се достапни онлајн, но се распродаваат многу брзо, па се препорачува да се резервираат што порано. Покрај комфорот што им се нуди, на патниците им е дозволено и да ги украсуваат своите купеа со светилки и декорации, за уште попријатна атмосфера. Тие се опремени со фрижидери и мијалници, што им овозможува да носат и сопствени намирници, но за вечера на располагање го имаат и ресторан-вагонот.

Кога се поаѓа од Анкара, се поминува низ интересни области, како што се Кириккале, Кајсери, Сивас, Ерзинџан и Ерзурум, а возот и застанува на последниве две дестинации. На повратната рута, пак, се стои во Илич, Дивриѓи и Сивас, што овозможува да се истражат бројни природни и историски знаменитости.
Карс е познат по својата историја и е една од најстарите населби во Анадолија. Центарот на градот изобилува со впечатлива архитектура, додека вековните споменици се карактеристика на поширокиот регион. Во близина се наоѓа и Ани, некогаш голема средновековна метропола позната како „Градот на 1001 црква“, а сега локалитет под заштита на УНЕСКО. Покрај цркви, Ани изобилува и со бањи, џамија, како и масивни одбранбени ѕидини, како наследство од христијанските и муслиманските династии.

Областа Сарикамиш е погодна за скијање и за санкање, но она што таму не смее да се пропушти е зимска посета на езерото Чилдир, кога замрзнува неговата површина. За туристите се организира лизгање по мразот во кочии влечени од коњи, додека локалните рибари пробиваат дупки за да ловат крап, што е една од најпознатите традиции во регионот. Автентичниот дух на градот, пак, најдобро се чувствува навечер, кога се организираат традиционалните вербални дуели на минстрели - натпревари во живо со песни, рима и стихови. Се изведуваат и народните танци кои потекнуваат од регионот на Северен Кавказ, кои се полни со енергија и ритам, а се приредуваат од групи, со брзи чекори, скокови и кореографија. Менито што се служи се состои од гускино месо, карски сирења, мед и манти. Гурманите можат да го посетат и Музејот на сирењето и да се запознаат со традицијата на производство, како и да ги дегустираат различните локални сирења.

















