ПРВ.мк
Македонија

Македонците бегаат од високите цени на лекови - се почесто купуваат од овие соседни држави!

Македонците бегаат од високите цени на лекови - се почесто купуваат од овие соседни држави!
Kristal

Секојдневно расте бројот на македонски граѓани кои патуваат во Косово и Србија за да купуваат лекови по пониски цени, покажува анализа на Радио Слободна Европа. Најчесто се работи за терапии кои лекарите ги препишуваат, но пациентите мораат да ги купуваат приватно, што создава сериозен финансиски товар за семејствата.

Границата на преминот Блаце е сведок на вакви патувања, при што многумина велат дека одат „до Елез Хан по лекови“, бидејќи тоа е близу и нуди значително поевтини цени во аптеките. На пример, лекот „Ксарелто“ во Косово може да се купи и двојно поевтино отколку во Македонија. Институциите потврдуваат дека овој лек е меѓу кандидатите за позитивната листа во 2026 година, но конечната одлука зависи од буџетот и Управниот одбор на ФЗОМ.

Од Фондот за здравствено осигурување потенцираат дека поддржуваат мерки за подобрување на достапноста на лекови по пониски цени. Министерството за здравство, пак, потсетува дека процесот за вклучување нови лекови на позитивната листа е во тек и се спроведува според пропишаните процедури.

Причината за ваквиот „фармацевтски туризам“ е високото учество на приватните плаќања во здравствениот систем – според Светската здравствена организација, 40,4% од вкупните здравствени трошоци се плаќаат од џеб, што е еден од највисоките проценти во регионот и најмногу ги оптоварува посиромашните домаќинства.

Пациентите велат дека се принудени да бараат поевтини алтернативи надвор од државата, бидејќи здравјето „не може да има пазарна логика“. Надлежните најавуваат проширување на позитивната листа, особено со лекови за кардиоваскуларни заболувања, кои се водечка причина за смртност во земјата, со цел да се намали финансискиот товар врз пациентите.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo