Во центарот на Техеран се појави контроверзен билборд кој предизвика бројни реакции поради пораката упатена кон САД и Израел. На огромниот постер е прикажана Белата куќа зафатена од пламен, а пред неа се наредени ковчези покриени со американски знамиња.
На илустрацијата се претставени ковчези кои симболично се поврзуваат со американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и Џаред Кушнер. На билбордот се поставени и портрети на членови од семејството Трамп.
Над сликата стои пораката „Крв за крв, око за око“, испишана на персиски и хебрејски јазик, што дополнително го засили интересот и реакциите во јавноста.
Билбордот е поставен на плоштадот Палестина во Техеран, локација која често се користи за истакнување политички пораки поврзани со односите на Иран со Израел и Соединетите Американски Држави.
Ова не е првпат на истото место да биде поставена ваква содржина. Претходно таму беше поставен билборд со карта на израелски цели и пораката „Вие почнувате, ние завршуваме“, која исто така привлече големо внимание.
Во март, на плоштадот Валиаср во Техеран беше поставен уште еден впечатлив пропаганден постер на кој беше прикажано како поранешниот врховен лидер Али Хамнеи му го предава иранското знаме на својот син Моџтаба Хамнеи. Фотографија од тој билборд тогаш објави агенцијата „Асошиејтед прес“.
Во април, пак, во иранската престолнина беше поставен билборд со порака дека Ормускиот Теснец е под трајна иранска контрола.
Ваквите јавни пораки се дел од политичката реторика и пропагандната кампања што ги следи долгогодишните тензии меѓу Техеран, Вашингтон и Тел Авив, кои и понатаму остануваат во фокусот на светската јавност.







