ПРВ.мк
Свет

СЗО ПРЕДУПРЕДУВА: Вистинскиот број заболени од ебола во Конго може да биде далеку поголем од пријавениот!

СЗО ПРЕДУПРЕДУВА: Вистинскиот број заболени од ебола во Конго може да биде далеку поголем од пријавениот!

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека епидемијата на ебола во Демократска Република Конго би можела да биде значително посериозна отколку што покажуваат официјалните податоци. Според најновите проценки, реалниот број на заразени може да биде два до четири пати поголем од досега регистрираните случаи.

Раководителот на Програмата за здравствени итни случаи на СЗО, Чикве Ихеквеазу, изјави дека анализите на организацијата укажуваат на тоа дека ширењето на вирусот е многу поголемо од она што е официјално евидентирано. Сепак, тој нагласи дека секојдневно се подобрува способноста за откривање на нови случаи, што овозможува побрзо реагирање и подобра контрола на епидемијата.

Ихеквеазу истакна и дека СЗО досега обезбедила помалку од половина од финансиските средства што се потребни за справување со кризата. Организацијата побарала 115 милиони долари за борба против сојот „Бундибугио“, но досега се обезбедени само околу 40 проценти од потребниот буџет.

Дополнителен предизвик претставува фактот што за овој сој на вирусот сè уште нема докажан третман ниту одобрена вакцина, што ја прави борбата против епидемијата уште потешка.

Според официјалните податоци на властите во Демократска Република Конго, досега се регистрирани најмалку 1.926 заразени лица, додека 702 луѓе починале како последица на болеста.

Од СЗО предупредуваат дека ситуацијата достигнала критична фаза, особено откако нови случаи биле потврдени и во две дополнителни провинции. Поради тоа, организацијата апелира до меѓународната заедница и донаторите да не ја намалуваат поддршката, бидејќи земјата не може самостојно да се справи со кризата.

„Оваа епидемија бара ресурси кои одговараат на размерите на проблемот. Тоа не е товар што Демократска Република Конго може сама да го понесе“, порача Ихеквеазу.

Тој ја спореди борбата против еболата со маратон, нагласувајќи дека и покрај заморот и предизвиците, неопходно е напорите да продолжат сè додека епидемијата целосно не биде ставена под контрола.