ПРВ.мк
Свет

Нови правила за авионски патници: Еве кога следува обештетување до 600 евра

Нови правила за авионски патници: Еве кога следува обештетување до 600 евра

Европската Унија усвои нов пакет правила со кои дополнително се зајакнуваат правата на патниците во авионскиот сообраќај. Новите мерки имаат за цел да обезбедат поголема заштита, полесно остварување на правата и поголема транспарентност во односот меѓу авиокомпаниите и патниците.

Според договорените правила, патниците и понатаму ќе имаат право на обештетување од 250 до 600 евра во зависност од должината на летот и времетраењето на доцнењето. Задржан е досегашниот праг од три часа доцнење за најголем дел од летовите, иако претходно постоеја предлози тој да биде зголемен.

Освен паричниот надоместок, авиокомпаниите ќе мора навремено да ги информираат патниците за нивните права и постапката за барање обештетување. При подолги доцнења, патниците имаат право на бесплатни освежителни пијалаци, оброк, а кога е потребно и сместување.

Новите правила предвидуваат и дополнителни олеснувања за патниците, меѓу кои подобра заштита при пропуштени поврзани летови, поголема транспарентност за цените на багажот и право децата да седат покрај придружник без дополнителен надомест.

Со овие измени Европската Унија сака да обезбеди побрза постапка за исплата на обештетувањата и појасни правила за авиокомпаниите, со цел патниците полесно да ги остварат своите права кога нивното патување не се одвива според планираното.