Европа се соочува со нова закана од екстремни температури, а Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека следниот период би можел да донесе уште потешки последици по здравјето на луѓето.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, предупреди дека континентот би можел да се соочи со „уште посмртоносни недели“ поради новиот топлотен бран кој се формира над Атлантикот и се очекува повторно да донесе екстремно високи температури.
Клуге одржа итен состанок со претставници од 41 земја, како и со претставници на Европска комисија и организации од граѓанскиот сектор, на кој главна тема биле последиците од неодамнешните горештини и подготовките за новите температурни екстреми.
Според него, државите кои веќе имаат подготвени акциони планови за заштита на населението при високи температури успеале побрзо да реагираат и подобро да ги заштитат граѓаните за време на последниот топлотен бран.
Сепак, Клуге предупреди дека помалку од половина од европските земји кои се членки на СЗО имаат воспоставени конкретни планови за справување со опасните горештини.
„Мораме веднаш да ги поправиме слабостите што беа забележани во изминатите недели, пред да пристигне следниот топлотен бран. Истовремено, треба да создадеме здравствени системи кои не само што ќе реагираат на екстремната топлина, туку ќе бидат подготвени однапред“, порача тој.
Експертите наведуваат дека топлотниот бран кој ја зафати Европа од 20 до 28 јуни бил еден од најинтензивните досега забележани на континентот.
Високите температури предизвикале сериозни проблеми – од прекини во производството на електрична енергија и оштетување на инфраструктурата, до огромен притисок врз болниците и здравствените служби.
Здравствените власти повторно апелираат граѓаните да бидат внимателни во периоди на екстремни горештини, особено најранливите категории, бидејќи високите температури можат да претставуваат сериозен ризик за здравјето доколку не се преземат соодветни мерки.








