ПРВ.мк
Свет

Светската храна повторно поскапува: Еве кои производи бележат најголем раст

Светската храна повторно поскапува: Еве кои производи бележат најголем раст

Светските цени на храната повторно бележат раст. Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации – ФАО, во септември 2026 година изнесувал во просек 136 поени, што претставува зголемување од 1,5 отсто во споредба со август и 5,8 отсто на годишно ниво.

Според ФАО, врз движењето на цените влијаат нарушувањата во меѓународната трговија, транспортните трошоци и временските услови.

Најизразен месечен раст кај житарките е регистриран кај пченицата и пченката. Цената на пченицата се зголемила за 6,3 отсто, при што како фактори се наведуваат логистичките ограничувања во регионот на Црното Море и сувото време во делови од Северна Америка пред сеидбата.

Пченката, пак, поскапела за 5,6 отсто во однос на претходниот месец. Причините се поврзуваат со загриженоста околу приносите во САД, помалата достапност за извоз од Бразил и нарушувањата во трговијата преку Црното Море.

Раст од 0,9 отсто бележи и индексот на растителните масла, главно поради повисоките цени на палминото масло.

Кај месото сликата е различна. Вкупниот индекс се намалил за 1,1 отсто поради пониските цени на свинското и живинското месо, додека извозните цени на говедското месо од Бразил пораснале поради зголемената побарувачка од САД.

Цените на млечните производи во просек се намалиле за 0,1 отсто, при што поевтинувањето на сирењето делумно го неутрализирало растот на цените на млекото во прав.

Најголем раст е забележан кај шеќерот – 6,1 отсто за еден месец. Според ФАО, пазарот реагира на очекувањата за помала глобална понуда во сезоната 2026/2027, како последица на производствените и временските услови во повеќе големи производители.

Движењето на светските цени не значи автоматски и идентично поскапување во македонските продавници, но може да влијае врз увозните и производствените трошоци, особено кај производите и суровините што се набавуваат од странство.