ПРВ.мк
Свет

ЈАПОНЦИТЕ СМИСЛИЈА НЕШТО НЕОБИЧНО: Направија пиво од ориз кој инаку би завршил како отпад

ЈАПОНЦИТЕ СМИСЛИЈА НЕШТО НЕОБИЧНО: Направија пиво од ориз кој инаку би завршил како отпад

Јапонска компанија за производство на кујнски апарати пронашла необичен начин да го искористи оризот кој останува по тестирањето на нејзините производи – го претворила во пиво.

Компанијата „Зоџируши“, во соработка со пиварницата „Ечиго бир“, го развила пивото „Зо но маи“, чие име во превод значи „Танц на слоновите“. Идејата е храната која би останала неискористена да добие нова намена наместо да заврши како отпад.

Продажбата на пијалакот во Јапонија започнала на 10 март. Станува збор за златен ејл со 4,5 проценти алкохол, кој се продава во лименки од 350 милилитри.

Од компанијата велат дека пивото има поблаг вкус, помала горчина и е лесно и освежително за пиење.

Оризот што се користи во производството не е собиран од отпад или од останата храна на потрошувачите. Тој доаѓа директно од пробните готвења што компанијата ги прави при развојот и проверката на своите апарати за готвење ориз.

Според јапонската агенција Кјодо, од ваквите тестирања секоја година остануваат приближно 30 тони сварен ориз.

Најголемиот дел од него досега се преработувал во компост, додека за новото пиво во моментов можат да се искористат околу пет проценти од вкупната количина.

Но, пивото не е единствениот проект преку кој компанијата се обидува повторно да го употреби оризот.

Преку иницијативата „Рајс лаб“, „Зоџируши“ развива и други производи во кои сварениот ориз се користи како суровина. Меѓу нив се ферментиран засладувач, како и етанол кој може да се употребува при производство на влажни марамчиња.

Со ваквиот пристап компанијата се обидува да го намали количеството фрлена храна и истовремено да создаде нови производи од материјал кој претходно имал многу ограничена употреба.