Голема трагедија се случила во училиште во германскиот град Лудвигсхафен, каде 16-годишна ученичка ненадејно се онесвестила за време на наставата и починала.
Според информациите од германската полиција, девојчето се струполило околу 11:30 часот додека траел часот. Веднаш биле преземени мерки за реанимација, но и покрај обидите да ѝ биде спасен животот, ученичката починала.
Причината за ненадејното влошување на нејзината здравствена состојба засега не е позната.
Според досегашните сознанија на полицијата, нема индиции дека во смртта било вмешано друго лице. Обвинителството во Франкентал и криминалистичката полиција започнале постапка со цел да се утврдат точните околности и причината за смртта.
Германските медиуми наведуваат дека при ненадејна смрт на младо лице вообичаено се спроведува детална истрага, а доколку биде донесена соодветна одлука, може да биде извршена и обдукција.
Според локалниот портал MRN-News, трагичниот настан се случил во училиштето „Anne-Frank-Realschule plus“ во Лудвигсхафен.
Смртта на девојчето предизвикала голем шок меѓу нејзините соученици и наставниците. Полицијата соопштила дека за учениците и наставниот кадар е обезбедена психолошка поддршка.
Истрагата треба да покаже што точно довело до ненадејната смрт на 16-годишната ученичка.







