ПРВ.мк
Црна Хроника

Ужасно откритие покрај пат: Мртво новороденче било завиткано во ќебенце и оставено во кеса

Ужасно откритие покрај пат: Мртво новороденче било завиткано во ќебенце и оставено во кеса

Шокантен случај го потресе германскиот град Бекум, каде покрај пат било пронајдено мртво новороденче, оставено во кеса за пазарување.

Според информациите објавени од германските медиуми, детето го забележале случајни минувачи, но во моментот кога било пронајдено веќе не давало знаци на живот. Истражителите претпоставуваат дека кесата била оставена на местото во саботата, меѓу 11 и 11:30 часот.

Полицијата започнала истрага и трага по сведоци кои би можеле да помогнат во утврдувањето на околностите. Засега не е познат идентитетот на жената која го родила детето, ниту е утврдена точната причина за смртта.

Според обвинителството, извршената обдукција не дала дефинитивен одговор за причината за смртта, поради што се испитуваат повеќе можни сценарија, вклучително и дали станува збор за кривично дело.

Полицијата соопштила дека новороденчето било пронајдено во кеса од продавница за мебел. Било завиткано во црвено карирано ќебенце и светла крпа за сауна со ознака „Möve for frottana“.

Токму овие предмети би можеле да бидат важна трага во истрагата, па властите ги повикале граѓаните кои можеби знаат од кое домаќинство потекнуваат да се јават во полиција.

Истражителите бараат информации и од сите лица кои во критичниот период престојувале во блискиот коњички клуб или во околината.

Обвинителството ја проверува и можноста бременоста да била криена, но засега нема конечни сознанија за тоа. Истрагата продолжува со цел да се утврди идентитетот на мајката, причината за смртта и сите околности под кои новороденчето било оставено покрај патот.