Министерот за здравство Сашо Клековски ја посети Општата болница во Кичево, каде што оствари средба со директорката Маја Цветановска Трајкоска, градоначалникот Александар Јовановски и здравствените работници.
Во фокусот на посетата беа подобрувањата што веќе се реализираат во болницата, како и идниот проект за нов болнички објект.
Кичевската болница во изминатиот период доби нова дијагностичка и оперативна опрема, меѓу која дигитален рендген, мамограф, современ ехо-апарат, гастроскоп и анестезиолошки апарат. Проширени се и можностите на лабораторијата, каде што сега се изведуваат анализи за тумор-маркери, хормони, срцеви маркери и други параметри.

Паралелно со опремувањето се работи и на зајакнување на медицинскиот кадар. Четворица специјализанти и четворица доктори по општа медицина се трајно вработени, а постапката за уште пет специјализанти е во завршна фаза.
„Опрема без кадар не значи ништо, а кадар без опрема не може да работи. Во Кичево ги градиме двете истовремено“, порача Клековски.

Министерот го посети и објектот чија изградба започнала пред повеќе децении, при што било разговарано за идните решенија за болничката инфраструктура и за потребата Кичево да добие современ болнички капацитет.

Министерството претходно најави проект за нова општа болница во Кичево на нова локација, која е предвидено да функционира како регионален здравствен центар.
Клековски нагласи дека новата болница останува цел, но дека пациентите не треба да ги чекаат идните инфраструктурни проекти за да добијат подобри здравствени услуги.
„Новата болница е наша цел и работиме на неа. Но граѓаните не можат да чекаат додека таа се изгради – затоа болницата ја зајакнуваме уште сега“, порача министерот.









