ПРВ.мк
Црна Хроника

Удар од кит среде океанот: Јахтата почнала да тоне, четворицата морнари едвај се спасиле

Удар од кит среде океанот: Јахтата почнала да тоне, четворицата морнари едвај се спасиле

Четворица морнари се спасени по драматичен инцидент во јужниот дел на Тихиот Океан, откако кит удрил во нивната 16-метарска јахта и сериозно го оштетил трупот. По потонувањето на пловилото, тие поминале околу 18 часа во спасувачки чамец пред да пристигне помош.

Џема и Џереми Купер, Тери Хетерингтон и Мартин Жафре пловеле со јахтата „Tai Tam“, на околу 250 наутички милји од островот Норфолк, кога почувствувале силен удар.

Џема Купер раскажала дека ударот бил толку силен што ја исфрлил од кормилото. Кога погледнале кон морето, забележале група од шест до осум китови, за кои рекла дека биле долги речиси колку и нивната јахта.

Набргу станало јасно дека пловилото е тешко оштетено. Управувачкиот систем бил уништен, а во внатрешноста почнала да навлегува голема количина вода. Околу половина час по ударот екипажот испратил повик за помош.

Мартин Жафре, столар по професија, се обидел привремено да ги затвори оштетувањата со полиуретанска пена и други материјали. Тој дури нурнал за да го провери трупот, додека останатите рачно ја исфрлале водата за таа да не стигне до моторот.

Сепак, борбата за спасување на јахтата била безуспешна. Околу полноќ четворицата ја напуштиле и преминале во спасувачки чамец. Го пресекле и јажето што ги поврзувало со јахтата, стравувајќи дека таа може да ги повлече со себе додека тоне.

Од безбедна оддалеченост гледале како нивното пловило исчезнува под површината на океанот.

По околу 18 часа во спасувачкиот чамец, до нив стигнал 143-метарскиот контејнерски брод „MV Sofrana Surville“. Сите четворица биле успешно извлечени и, според објавените информации, никој не настрадал.

Во потрагата бил вклучен и новозеландски авион „P-8A Poseidon“, а снимките од спасувачката операција го забележале и потонувањето на јахтата.

„Беше прекрасно искуство со ужасен крај, но, за среќа, никој не настрада“, изјавил Купер по спасувањето.


Видео: