Нови правила за кредитирање на физичките лица ќе почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година, откако Извршниот одбор на Народната банка донесе измени на макропрудентните мерки.
Една од најзначајните промени е скратувањето на максималниот рок за отплата на станбените кредити од досегашните 30 на 25 години. Кај хипотекарните потрошувачки кредити, пак, максималниот рок се намалува од 20 на 15 години.
Исклучок остануваат граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште. За нив максималниот рок за станбен кредит и понатаму ќе изнесува 30 години.
Се менува и максимално дозволениот однос меѓу месечните кредитни обврски и приходите на кредитокорисникот, познат како ДСТИ. Кај кредитите во денари лимитот се намалува од 50 на 45 проценти, додека кај кредитите со валутна компонента од 45 на 40 проценти.
И тука ќе има поповолен третман за оние кои првпат решаваат станбено прашање – за нив лимитите остануваат 50 проценти за денарските и 45 проценти за кредитите со валутна компонента.
Од Народната банка посочуваат дека мерките имаат превентивна цел и треба да го ограничат ризикот од прекумерно задолжување на домаќинствата.
Одлуката доаѓа во период кога кредитирањето на населението продолжува да расте. Во првата половина од 2026 година кредитите на физичките лица забележале годишен раст од 12,2 проценти, додека најголем раст од 16,6 проценти е регистриран кај станбените кредити.
Новите правила ќе започнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.








