Научниците минатиот вторник порачаа дека метеоролошкиот феномен Ел Нињо – за кој се предвидува дека ќе биде најинтензивниот досега забележан – би требало да биде класифициран како глобална здравствена вонредна состојба која би можела да однесе стотици илјади животи. Меѓутоа, она што дополнително ги загрижува климатолозите и што засега е непознато е што ќе се случи во случај на судир на Ел Нињо со поларниот вител.
- Ел Нињо 2026–2027 ќе предизвика смртност од пандемиски размери – изјави д-р Колин Карлсон, доцент по епидемиологија на Универзитетот Јејл, предупредувајќи дека ќе биде посмртоносен од пандемијата на свински грип од 2009 година, која однесе приближно 284.000 животи.
Тој ја повика Светската здравствена организација (СЗО) овој „посебен и смртоносен настан“ да го класифицира како вонредна состојба во јавното здравје од меѓународно значење, во ранг со епидемијата на ебола во Демократска Република Конго и ширењето на детската парализа.
- Раната анализа укажува на тоа дека речиси половина милион смртни случаи ќе бидат последица само на екстремните горештини, а да не зборуваме за епидемиите на денга треска, колера и други заразни болести кои исто така би можеле да се појават истовремено – наведе д-р Карлсон во текстот објавен во публикацијата „Тинк глобал хелт“ (Think Global Health), заедно со професорот Кристофер Калахан, климатолог од Универзитетот Индијана.
Како природен временски феномен засилен со климатските промени, Ел Нињо, кој се јавува на секои неколку години, вообичаено ги подигнува температурите ширум светот со загревање на површината на Тихиот Океан, пишува британски „Телеграф“.
Супер „Ел Нињо“ Овој океански топлотен бран може да предизвика:
- непредвидливи бури
- тешки суши
- и разорни шумски пожари, што за возврат може да нанесе огромна штета на жетвата на посевите, залихите на храна и глобалната безбедност.
Вкупниот биланс на настрадани од горештини би можел да достигне дури 451.000 Стручњаците кои изработуваат климатски модели понудија увид во тоа колку би можела да биде смртоносна оваа појава. Земајќи ги предвид само смртните случаи поврзани со горештините, се проценува дека вкупниот биланс на овој Ел Нињо – од неговиот почеток во јуни 2026 па сè до февруари 2027 година – ќе достигне дури 451.000 прекумерни смртни случаи, покажува истражувањето на Лабораторијата за климатско влијание при Универзитетот во Чикаго.
Студијата, која сè уште не поминала стручна рецензија, укажува на тоа дека бројот на екстремно топли денови ќе порасне за 44 проценти во споредба со вообичаените години. Се очекува Нигерија да претрпи најмногу смртни случаи поврзани со горештините, проценети на 31.400 – земајќи го предвид периодот меѓу септември и февруари следната година, а по неа следуваат Индонезија и Судан.
Светските лидери, климатолозите и креаторите на политики минатата недела се собраа на климатската конференција COP31 во Турција, каде Светската метеоролошка организација (СМО) го претстави својот најнов извештај за состојбата на климата.
„Глобална здравствена криза од пандемиски размери“ Утврдено е дека изминатите четири години биле најтоплите досега забележани, со предупредување дека Ел Нињо ќе донесе „уште повеќе горештини и екстремни временски прилики длабоко во 2027 година“.
„Ел Нињо, како и состојбата на глобалната клима во 2026 година, му даваат ново значење на изразот ’надвор од сите граници‘. Ел Нињо не додава нова топлина на планетата. Тој ја ослободува топлината од океаните, кои во моментов се најтопли досега измерени. Едноставно има повеќе топлина на располагање за ослободување. Ние дополнително ги засилуваме нашите временски прилики, а Ел Нињо ќе биде мултипликатор на ризикот“, изјави Селест Сауло, генерална секретарка на СМО.
Сајмон Стил, шефот на Обединетите нации за клима, предупреди дека климатската криза, дополнително забрзана од супер Ел Нињо, е „глобална здравствена криза од пандемиски размери“.
Судир на поларниот вител и Ел Нињо Вториот проблем е рекордно раното распаѓање на поларниот вител кој би можел да се најде во судир со силниот Ел Нињо што се прогнозира за оваа зима, но стручњаците велат дека допрва останува да се види како тоа ќе влијае на времето.
Поларниот вител е воздушен појас со низок притисок со средиште над Северниот Пол во стратосферата, каде вообичаено се задржува блиску до полот и циклонски ротира околу тој регион. На секои неколку зими доаѓа до нарушување на поларниот вител, што предизвикува појава позната како ненадејно стратосферско загревање, за време на кое температурите во стратосферата скокаат за околу 28 до 39 степени Целзиусови во рок од неколку дена. Тоа може да го потисне студениот воздух и да го турне кон делови од Северна Америка, Европа или Азија.
Нестабилниот поларен вител може да го обликува времето на северната хемисфера – иако вообичаено се потребни неколку недели за да се почувствува неговото влијание. Распаѓањето доведува до тоа студениот воздух, кој инаку е заробен, да продре од Арктикот кон пониските географски широчини, предизвикувајќи ненадеен бран на студ, пишува магазинот „Тајм“.
- Ако поларниот вител се наруши и ослабне, тој студен воздух има тенденција да се ослободи кон југ, во умерените географски широчини, а секако, со повеќе студен воздух се зголемува и веројатноста или ризикот од снежни бури или ледени бури – изјави Џуда Коен, климатолог од Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT).
Најраното нарушување на поларниот вител досега забележано Нарушувањето на поларниот вител кое метеоролозите во моментов го набљудуваат е најраното досега забележано, со оглед на тоа што тој вообичаено слабее во текот на втората половина од зимата.
- Вообичаено сметаме дека тоа се случува пред крајот на зимата, во јануари или февруари – објасни Ендру Чарлтон-Перез, професор по метеорологија на Универзитетот во Рединг.
Стручњаците велат дека е сè уште прерано да се каже како таканаречениот „супер Ел Нињо“ би можел да дејствува во интеракција со поларниот вител.
- Бидејќи ваквите настани се многу ретки, имаме само околу 45 такви случаи кои некогаш сме ги забележале – додаде Чарлтон-Перез.
Годините во кои се јавува Ел Нињо вообичаено носат поблаги температури, но многу зависи од начинот на кој тој во текот на остатокот од зимата ќе дејствува во однос на поларниот вител. Постои можност Ел Нињо и поларниот вител да дејствуваат заедно. Меѓутоа, доколку Ел Нињо и поларниот вител дејствуваат еден против друг, изгледите на времето би можеле да зависат од тоа која сила ќе преовлада.
„Ако поларниот вител ослабне, почне да се колеба и да кривули ширум северната хемисфера, тогаш тој навистина погодува за постудено време, па тоа ќе биде вистинска битка. Никогаш сме немале нарушување на поларниот вител од вакви размери и ’супер Ел Нињо‘ во исто време. Така што ова е, на некој начин, целосно неистражена територија“, заклучи климатологот Коен.







