Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе обвинение против 31-годишниот Кристијан Корубовски од Охрид, осомничен дека физички ја нападнал својата 26-годишна девојка Сара Ѓорѓиевска и ѝ нанел телесни повреди. Обвинението било поднесено синоќа, а против него се покренати обвиненија за три кривични дела.
Станува збор за кривичните дела телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Според информациите од Основното јавно обвинителство Охрид, обвинетиот противправно ја затворил Ѓорѓиевска, по што физички ја нападнал, ѝ нанел телесни повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
Во текот на постапката, оштетената била испитана во присуство на претставници на социјалните служби. Дополнително, било наредено и спроведено вештачење со цел да се утврдат видот и карактерот на повредите што ги претрпела.
Од Обвинителството информираат дека заедно со обвинението до надлежниот суд бил доставен и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот.
„Имајќи ги предвид утврдените околности во предметот, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за обвинетиот, кој беше обезбеден за цело време од поведување на постапката“, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Сега на потег е надлежниот суд, кој треба да одлучи по предлогот за притвор, како и да постапува по поднесеното обвинение.






