Светската здравствена организација (СЗО) се подготвува за најцрното сценарио – можен нуклеарен инцидент во случај на дополнителна ескалација на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран. Според регионалната директорка за источен Медитеран, Ханан Балки, ваквиот развој би имал последици што би се чувствувале со децении.
Таа предупредува дека и покрај сите подготовки, штетите од евентуален нуклеарен настан не би можеле целосно да се контролираат. Како потенцијални ризици се наведуваат директни здравствени последици како оштетувања на белите дробови и кожата, како и долгорочни ефекти – зголемен ризик од рак и сериозни психолошки нарушувања.
СЗО внимателно ги следи случувањата по нападите врз иранските нуклеарни објекти, а персоналот веќе е обучен за реакции во случај на радијациска закана. Сценаријата опфаќаат и напад врз нуклеарни постројки и потенцијална употреба на нуклеарно оружје.
Во меѓувреме, конфликтот веќе остава сериозни последици врз здравствените системи во регионот. СЗО регистрира десетици напади врз здравствени установи во Иран и Либан, со десетици загинати. Состојбата е особено критична и во Газа, каде најголем дел од болниците се оштетени или уништени, а недостигот на лекови и медицинска опрема станува алармантен.
Организацијата предупредува дека евентуална нуклеарна ескалација не би била само регионален проблем, туку глобална катастрофа со последици што би го погодиле целиот свет.
















