ПРВ.мк
Свет

Хаос во стотици супермаркети: Трговците очајни, огромни количини храна мора да фрлат поради невиден напад

Хаос во стотици супермаркети: Трговците очајни, огромни количини храна мора да фрлат поради невиден напад

Голем сајбернапад предизвика сериозни проблеми во стотици супермаркети низ Франција, откако хакери успеале далечински да го нарушат функционирањето на системите за ладење и замрзнување.

Според француските медиуми, нападот погодил неколку големи трговски синџири, меѓу кои „Интермарше“ и „Кооператив У“.

Погодени биле меѓу 150 и 200 продавници на „Интермарше“ и речиси 100 продажни објекти на „Кооператив У“.

Како што објави француската телевизија БФМ ТВ, напаѓачите успеале од далечина да ги променат поставките на ладилниците и да активираат принудно одмрзнување.

Поради зголемувањето на температурата, големи количини свежа и замрзната храна станале неупотребливи, поради што маркетите биле принудени да ги отстранат производите од продажба.

Раководството на „Кооператив У“ го оцени нападот како незапаметен и неприфатлив, нагласувајќи дека е загрозена опрема неопходна за безбедно чување на храната.

Во меѓувреме, париското обвинителство отвори истрага за утврдување на размерите на нападот, идентитетот на сторителите и вкупната материјална штета.

Истражителите проверуваат и пријави за пожари, но засега не е потврдено дали тие се директно поврзани со сајбернападот.

Трговските компании предупредуваат и на можни проблеми со осигурувањето, бидејќи одредени полиси можеби не покриваат штета предизвикана од вакви инциденти.

Засега не е познато кој стои зад нападот.

Случајот повторно ја отвори дебатата за безбедноста на дигиталните системи од кои зависат снабдувањето со храна и секојдневното функционирање на големите трговски синџири.