Пред точно десет години, на 11 октомври 2016 година, Македонија славеше историски фудбалски успех. Младата репрезентација предводена од Благоја Милевски го оствари она што дотогаш изгледаше недостижно – обезбеди пласман на Европското првенство за фудбалери до 21 година.
Генерацијата која подоцна ќе го добие прекарот „златни деца“ ја заврши квалификациската група пред моќната Франција, за која настапуваа имиња како Усман Дембеле, Адриен Рабио и Мајк Мањан.
Но, каде се денес момците кои ја испишаа оваа историја?
Дел од нив сè уште настапуваат на меѓународната сцена. Ељиф Елмас е во Аталанта, Висар Муслиу во белгиски Сент Труден, Дарко Велковски во Бахреин, а Ѓоко Зајков во Обединетите Арапски Емирати.
Дамјан Шишковски брани за Борац Бања Лука, додека Бобан Николов и Давид Бабунски повторно го носат дресот на Вардар.
Марјан Радески настапува за Струга, Јован Попзлатанов за Тиквеш, Ангелче Тимовски за Силекс, а Мевљан Мурати за Шкендија.
Други ја продолжија кариерата во Турција, Швајцарија, Казахстан, Албанија, Косово, Германија и Чешка.
Некои веќе се повлекоа од професионалниот фудбал. Кире Маркоски ја заврши кариерата, додека поранешниот голман Филип Илиќ остана во спортот како тренер на голмани.
На Европското првенство во Полска во 2017 година, Македонија се соочи со Шпанија, Португалија и Србија, освојувајќи еден бод.
Иако резултатите не беа идеални, оваа генерација остави неизбришлива трага.
Десет години подоцна, едно останува непроменето – овие момци засекогаш ќе бидат запаметени како генерацијата што го оствари првиот македонски пласман на Европско првенство во младинска конкуренција.








