Сопственичката на градинка во кинескиот град Тјаншуи, во провинцијата Гансу, е осудена на доживотен затвор откако истрагата открила дека во храната што им се служела на децата и вработените биле додавани штетни состојки. Покрај неа, затворски казни добиле и петмина членови на персоналот, објавија кинеските медиуми.
Ли Хуифанг, која раководела со градинката „Хеши Пејксин“, била прогласена за виновна за производство и продажба на отровна и штетна храна. Случајот излегол на виделина во јули минатата година, кога било утврдено дека 247 деца и вработени во установата имале прекумерно високи концентрации на олово во крвта.
Истрагата покажала дека готвачите користеле боја што не била наменета за консумирање, со цел оброците да изгледаат попривлечно и градинката да привлече повеќе деца. Според наодите, на пакувањето на бојата имало предупредување, но тоа не било почитувано.
Во храната биле откриени количества олово дури 2.000 пати над дозволеното ниво, покажале резултатите од подоцнежните испитувања.
Покрај доживотната затворска казна, судот наредил и одземање личен имот на Хуифанг во вредност од 74.700 американски долари.
Директорот на градинката, Жи Џинглин, е осуден на 15 години затвор и парична казна. Четворица други вработени во кујната добиле затворски казни во траење од шест до осум години.
Според судските наоди, Хуифанг и Џинглин им давале инструкции на вработените да додаваат отровни и штетни состојки во храната што им се послужувала на децата и персоналот.
Случајот предизвика сериозно внимание поради големиот број засегнати лица и опасноста од изложување на олово, особено кај децата, кај кои труењето со овој тежок метал може да има сериозни последици врз здравјето и развојот.









