Голема и чувствителна истрага се спроведува во американските вооружени сили по истекувањето на доверливи информации за залихите на дел од најнапредното американско оружје, а во рамките на проверките десетици високи воени лица биле подложени на полиграфско тестирање.
Американски извори запознаени со истрагата изјавиле за CBS News дека полиграфските проверки биле спроведени откако во медиумите се појавиле информации за состојбата со залихите на напредната муниција. Случајот предизвикал сериозна загриженост во американските власти, бидејќи постои сомнеж дека чувствителните податоци можеби не завршиле само кај новинарите, туку и кај странска разузнавачка служба.
Според еден од изворите, само ограничен број лица имале пристап до информациите за резервите на муниција. Токму поради тоа истрагата се фокусирала на луѓето кои можеле да располагаат со овие строго доверливи податоци.
Извори запознаени со случајот тврдат дека американскиот претседател Доналд Трамп бил особено незадоволен поради истекувањето на информациите. Тие зборувале под услов на анонимност поради чувствителноста на истрагата.
Полиграфските тестирања сами по себе не се невообичаени за високи воени и цивилни функционери во САД, но бројот на лица кои летово биле подложени на вакви проверки во рамките на оваа истрага се смета за исклучително голем.
Според американските власти, на полиграф биле тестирани неколку десетици лица. Меѓу нив имало функционери од Централната команда на САД, но и други команданти на американските борбени команди.
Сепак, досегашните резултати не покажале дека некој од тестираните лица им ги предавал доверливите информации на медиумите. Два извора запознаени со истрагата наведуваат дека никој од досега тестираните не дал резултат кој би укажал на такво откривање информации.
Претседателот на Здружениот генералштаб на американските вооружени сили, генералот Ден Кејн, не бил подложен на полиграфско тестирање, потврдил висок претставник на Пентагон.
Истрагата доаѓа само неколку недели по почетокот на војната меѓу САД и Иран. Во текот на конфликтот, CBS News и други медиуми објавија информации за забрзаното трошење на одредени напредни американски резерви на муниција, чии залихи се ограничени.
Сега американските власти се обидуваат да откријат од каде истекле овие информации, кој можел да има пристап до нив и дали нивното објавување може да претставува директен безбедносен ризик за САД.
Истрагата продолжува, а фактот што десетици високи воени лица биле подложени на полиграф го отвора клучното прашање – кој ги изнел строго доверливите информации за американските резерви и каде завршиле тие податоци?








