ПРВ.мк
Свет

Скандал со експеримент врз 14.000 бебиња: Африканска држава се спротивстави на контроверзен проект поддржан од американски министер

Скандал со експеримент врз 14.000 бебиња: Африканска држава се спротивстави на контроверзен проект поддржан од американски министер

Властите на африканската држава Гвинеја Бисао категорично ги демантираа информациите дека одобриле контроверзно истражување во кое требало да учествуваат 14.000 новороденчиња, а чија реализација е поврзана со поддршката на американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот.

Според предложениот план, половина од бебињата требало да примат вакцина против хепатитис Б веднаш по раѓањето, додека другата половина би ја добила дури по шест недели.

Ваквиот пристап предизвика остри реакции кај меѓународните здравствени експерти, особено затоа што хепатитис Б е широко распространет во земјата, а инфекцијата кај новороденчињата може да има сериозни последици.

Министерот за здравство на Гвинеја Бисао, Кинхин Нантоте, нагласи дека неговото министерство никогаш не дало согласност за спроведување на истражувањето под претставените услови.

„Секоја научноистражувачка иницијатива што вклучува луѓе, особено деца, мора строго да ги почитува националните закони и меѓународните етички принципи“, порача министерот.

Неговата реакција следувала по итен состанок со претставници на истражувачкиот проект „Бандим хелт“, локалните етички тела и здравствените институции.

Според планот, истражувањето не требало директно да ја испитува безбедноста или ефикасноста на вакцината, туку да ги следи општите здравствени исходи кај децата, вклучително и смртноста и невролошкиот развој.

Контроверзијата дополнително се продлабочила по оставките на најмалку четворица членови на данската етичка комисија, кои изразиле незадоволство од забрзаната постапка за одобрување.

Проектот бил поврзан со дански истражувачи од програмата „Бандим хелт“, чија работа подолго време ја поддржува Роберт Ф. Кенеди Помладиот.

За истражувањето биле предвидени околу 1,6 милиони долари американски средства, со можност за дополнително финансирање од приватни фондации.

Сепак, американското Министерство за здравство соопштило дека студијата не е одобрена, додека властите на Гвинеја Бисао инсистираат дека не дале дозвола за нејзино спроведување.

Меѓународни здравствени експерти го критикуваат предложениот модел, нагласувајќи дека вакцината против хепатитис Б со децении се користи за заштита од инфекција која може да предизвика сериозно оштетување на црниот дроб.

Светската здравствена организација понудила поддршка за обезбедување вакцинација на сите новороденчиња во земјата.

Засега спорното истражување нема потврдено одобрение од властите на Гвинеја Бисао, а случајот повторно го отвори прашањето за етичките граници на медицинските испитувања врз деца.

Најнови вести