Меѓународната хуманитарна организација „Лекари без граници“ денес го напушти градот Газа поради зголемена опасност за вработените и пациентите предизвикана од израелската воена офанзива, пренесе „Фонет“.
„Немаме друг избор освен да ги суспендираме нашите активности, бидејќи нашите клиники се опкружени со израелски сили“, изјави Џејкоб Гренџер, координатор за итни случаи во Газа. Тој додаде дека најранливите лица – бебиња на неонатална нега, пациенти со сериозни повреди и животно загрозувачки болести – се во голема опасност и не можат да се движат слободно.
Здравствените установи низ енклавата се сериозно ограничени поради воздушните напади и строгите контроли врз протокот на медицинска и прехранбена помош, што создава огромен товар врз медицинскиот персонал. Минатата недела „Лекари без граници“ спровеле над 3.600 прегледи и третирале повеќе од 1.600 пациенти со повреди, изгореници, неухранетост и бременост.
Организацијата истакнува дека иако привремено ги прекинуваат активностите во градот Газа, ќе продолжат да ги поддржуваат основните услуги во болниците на Министерството за здравство, вклучувајќи ги Ал-Хела и Ал-Шифа, додека тие не се стабилизираат.