ПРВ.мк
Македонија

Ресен под аларм: Пестицидите ја трујат Преспа и ги множат случаите на рак

Ресен под аларм: Пестицидите ја трујат Преспа и ги множат случаите на рак

Преспанското Езеро е на раб на еколошка катастрофа, а последиците веќе ги чувствуваат жителите на Ресен. Според официјалните податоци, во општината има околу 250 заболени од рак, а експертите предупредуваат дека причина за тоа може да бидат пестицидите кои масовно се користат во овоштарството.

На панел-дискусијата „Здрава средина, здрав живот“ беше истакнато дека загадувањето доаѓа од сливното подрачје, дивите депонии со агрохемикалии и прекумерното прскање, што доведува до цветање на токсични алги, труење на рибите и сериозни ризици по здравјето на луѓето и птиците.

Докторите предупредуваат на пораст на колоректален карцином и рак на дојка, како и на зголемени случаи на стерилитет, заболувања на тироидната жлезда и алергии. „Пестицидите можат да предизвикаат труења, оштетување на црниот дроб, бубрезите и малигни заболувања“, изјави д-р Давид Здравески од Институтот за јавно здравје.

Иако Општина Ресен е вклучена во бројни еколошки проекти, експертите предупредуваат дека времето истекува. „Ако сакаме здрава средина, мора прво да почнеме од себе. Отпадот го создаваме ние, никој друг“, порача Ајман Ал Мала, раководител на Секторот за животна средина.

Настанот е дел од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, поддржана од Европската Унија.

Escape