Во Скопје вечерва Движењето ЗНАМ – За наша Македонија одржа голема промотивна конвенција на која беа претставени кандидатите за градоначалници и советничките листи во дури 53 општини низ целата држава.
Најголемо внимание привлече кандидатурата на претседателот на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој порача дека е убеден оти неговата партија ќе победи уште во првиот изборен круг. Според него, кумановчани знаат кој човек им е потребен и каков лидер може да ја продолжи промената на градот.
„Ние не влегуваме во избори за натпревар, туку за победа. Во изминатите осум години покажавме што значи да се работи искрено и посветено за граѓаните. Куманово од најголем загубар прерасна во финансиски најстабилна општина, со повеќе од 800 реализирани проекти“, истакна Димитриевски.
Тој остро ги критикуваше СДСМ за „продавање на национални интереси“ и за наводно копирање на идеите на ЗНАМ, додавајќи дека платформата за македонско национално единство е оригинално дело на неговата партија. „ЗНАМ секогаш ќе ги штити македонските црвени линии, тоа е наша обврска кон државата“, нагласи тој.
Во однос на изјавата на Али Ахмети за можни поделби ако Македонија ја напушти европската интеграција, Димитриевски одговори: „Сè додека има Македонци – ќе ја има и Македонија. Никој нема да бега од оваа земја. Единствените што побегнаа се оние што ги ограбуваа граѓаните со години и се кријат низ светот.“
Со оваа конвенција, ЗНАМ официјално го означи стартот на изборната битка, со порака дека нивното време дури сега доаѓа, а целта е јасна – прва рунда, прва победа.