Наставничка по музичко во основното училиште „Роберт Шуман“ во Франција е избодена во лицето за време на часот и се наоѓа во критична состојба, јавува телевизијата БФМ. Жртвата е 66-годишна наставничка која веднаш била хоспитализирана.
Напаѓачот е 14-годишен ученик, кој е уапсен кратко по нападот. Според БФМ ТВ, тој се обидел да избега, но за време на апсењето се повредил и бил однесен со хеликоптер во локална болница, каде исто така се наоѓа во критична состојба.
Осомничениот ученик бил сместен во дом и бил познат во училиштето по пишување нацистички графити. Причината за нападот сè уште не е утврдена.
По инцидентот, учениците од училиштето биле евакуирани и собрани во безбедна училница под заштита на жандармеријата. Родителите биле известени дека можат да ги земат своите деца.
Министерката за национално образование и млади на Франција, Елизабет Борн, остро го осуди нападот и изрази солидарност со наставничката и училиштната заедница. Таа истакна дека единицата за итни случаи е активирана за да обезбеди поддршка за учениците и персоналот.
Овој настан ја потресе јавноста и отвори сериозни прашања за безбедноста во училиштата и за превенцијата на насилство меѓу учениците.