Стејт департментот на САД најави заострување на мерките против граѓани кои имаат значителни неплатени долгови за издршка на деца, при што една од најсериозните последици може да биде одземање на пасошот.
Според соопштението, мерката ќе се однесува на родители кои должат повеќе од 2.500 долари за алиментација, со посебен фокус на оние со поголеми и долготрајни долгови.
Американските власти наведуваат дека целта на оваа политика е заштита на децата и обезбедување поголема одговорност на родителите во исполнување на нивните законски и финансиски обврски.
Од Стејт департментот појаснуваат дека се користат „разумни алатки“ за поддршка на семејствата и зајакнување на почитувањето на законот, нагласувајќи дека станува збор за спроведување и законски и морални обврски.
Лицата кои имаат вакви долгови ќе бидат советувани да склучат договори за отплата со надлежните институции за да избегнат конфискација на патните исправи. Доколку пасошот биде одземен, тој нема да може да се користи за патување, а нов документ нема да биде издаден сè додека долгот целосно не се подмири.
„Оваа мерка ја поддржува благосостојбата на американските деца преку реални последици за неплаќање на издршка, во согласност со федералниот закон“, соопштија од одделот.
Правната основа за ваквото постапување постои уште од 1996 година, но досега таа ретко се применувала во практика. Во најголем дел од случаите, одземањето на пасоши се користело само при обиди за нивно обновување од страна на должниците.
Со новата политика, Стејт департментот ќе соработува со Министерството за здравство и човечки услуги за да ги идентификува лицата со неплатени долгови и да започне со поништување на нивните пасоши.
Засега не е прецизирано кога точно мерката официјално ќе стапи во сила, но според извештаи на агенции, нејзината примена може да започне веднаш.








