Вознемирувачко видео од Штип, на кое наводно се гледа како девојче е нападнато од повеќе деца, предизвика силни реакции во јавноста и отвори нова дебата за тоа како институциите се справуваат со врсничкото насилство.
Според објавените информации, на снимката се гледа како девојчето е удирано со тупаници и шлаканици од повеќе деца, потоа е влечено за коса, а на крај е и клоцано додека лежи на земја беспомошно.
Случајот го објавила адвокатката Маја Ристова, која реагирала остро на одлуките на надлежните институции, посочувајќи дека судот изрекол мерка „засилен надзор од страна на родител“, наместо построги санкции.
Таа ја оценила ваквата одлука како недоволна и загрижувачка, предупредувајќи дека ваквиот пристап може да испрати погрешна порака за сериозноста на насилството меѓу малолетници.
Според нејзината објава, за едно од кривичните дела поврзани со „насилство врз дете“ бил предложен засилен надзор од Центарот за социјални работи, но судот проценил дека и таа мерка е премногу строга, па одлучил надзорот да биде исклучиво од страна на родителите.
Адвокатката дополнително посочува дека постапката е во жалбена фаза, а во друг дел од случајот, поврзан со „запуштање и малтретирање на дете“, првично биле отфрлени пријавите, по што предметот бил вратен на повторно одлучување.
Ристова реагира дека ваквиот начин на постапување ја отвора дилемата за тоа како системот се справува со врсничкото насилство и дали реакцијата е доволно сериозна за да спречи идни случаи.
Во својата објава таа предупредува дека игнорирањето или минимизирањето на ваквите случаи може да доведе до уште посериозни последици во иднина, поставувајќи прашање дали институциите ќе реагираат дури кога ќе се случат трагедии од поголеми размери.
Случајот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде јавноста бара построги мерки и поголема заштита на децата во училиштата и надвор од нив.









