ПРВ.мк
Македонија

Ученици, волонтери и институции здружени во голема екоакција во Кавадарци: Се собира отпад низ училиштата и во Моклиште!

Ученици, волонтери и институции здружени во голема екоакција во Кавадарци: Се собира отпад низ училиштата и во Моклиште!

Општина Кавадарци и оваа година активно се вклучи во еколошката акција „Генералка викенд“, која по шести пат се организира со цел подигнување на еколошката свест и подобрување на животната средина.

Големата акција се спроведува во сите основни училишта во општината, каде учениците учествуваат во собирање и селектирање на различни видови отпад, меѓу кои отпадна хартија, пластика, лименки и стара облека.

За таа цел, во училиштата биле поставени специјални садови за селекција, со што учениците директно се вклучуваат во процесот на правилно управување со отпадот и зачувување на животната средина.

Собраниот отпад ќе биде преземен од компании кои соработуваат со Општина Кавадарци. Хартијата, пластиката и лименките ќе ги подигне „Пакомак“ во соработка со „Лексус“, додека старата облека ќе ја преземе „Еко-Текс Груп“.

Од локалната самоуправа информираат дека со овие компании имаат воспоставено договори за соработка и правилно постапување со отпад, со цел целиот процес да се реализира организирано и ефикасно.

Покрај активностите во училиштата, паралелно се реализира и акција за чистење на велосипедско-пешачката патека во Моклиште. Во оваа активност учествуваат волонтери од здружението „Еко живот“, заедно со служби од локалната самоуправа, кои собираат различни видови отпад долж патеката.

Од Општина Кавадарци упатуваат апел граѓаните и понатаму активно да продолжат со селекција и правилно одлагање на отпадот, со цел создавање почиста и поздрава средина за сите.

Со вакви акции, како што посочуваат организаторите, не само што се чисти околината, туку се создава и поголема свест кај младите генерации за важноста од заштитата на природата и одговорното однесување кон животната средина.