Со приближувањето на летната сезона и растот на цените на нафтата на светските пазари, многу возачи кои патуваат кон Грција се обидуваат однапред да откријат каде можат да наточат гориво по најповолна цена.
Според податоците за просечни цени на гориво низ Грција, разликите меѓу бензинските пумпи и брендовите се забележливи, па изборот на пумпа може значително да влијае на трошоците за патување.
Меѓу најповолните цени за бензин се издвојува „Jetoil“, каде литар бензин чини околу 1.984 евра, што е меѓу најниските вредности во споредба со другите поголеми синџири.
И „Cyclon“ и „Avin“ нудат нешто пониски цени од просекот, со бензин околу 2.012 евра по литар, додека „Revoil“ и „Shell“ се движат околу 2.022 до 2.024 евра.
На повисокиот крај од ценовниот спектар се „EKO“ и „Elin“, каде литар бензин надминува 2.030 евра, што ги прави меѓу поскапите опции за возачите.
Кај дизел горивото, исто така најповолна опција повторно е „Jetoil“ со цена околу 1.826 евра, додека „EKO“, „Elin“ и „Silk Oil“ имаат нешто повисоки цени, кои се движат до речиси 1.94 евра по литар.
ТНГ (LPG) горивото е најевтино кај „Jetoil“ и „EKO“, каде цените се движат околу 1.21 до 1.31 евра, што го прави најекономична опција за возачите на автомобили на гас.
Експертите предупредуваат дека цените во Грција не се фиксни и значително варираат во зависност од регионот, локацијата на пумпата и туристичката сезона. Затоа се препорачува користење мобилни апликации како FuelGR или MyFuel, кои во реално време прикажуваат каде горивото е најевтино.
Во споредба со соседните земји, цените во Грција се повисоки од оние во Бугарија, каде бензинот се движи околу 1.49 до 1.52 евра, што дополнително ги поттикнува возачите да планираат каде ќе точат гориво пред патување.
За патниците што летово ќе се упатат кон грчките плажи, изборот на пумпа и планирањето однапред може да значи значителна заштеда, особено при подолги патувања и повисока потрошувачка на гориво.








