ПРВ.мк
Балкан

МИСТЕРИОЗНО ИСЧЕЗНУВАЊЕ: Балкански бизнисмен насилно внесен во комбе, две недели нема никаква трага!

МИСТЕРИОЗНО ИСЧЕЗНУВАЊЕ: Балкански бизнисмен насилно внесен во комбе, две недели нема никаква трага!

Германската полиција веќе две недели трага по босански бизнисмен кој бил киднапиран во близина на Берлин, а случајот предизвикува големо внимание и сериозна загриженост кај јавноста.

Станува збор за 51-годишниот Исмет К. од Босна и Херцеговина, кој, според истражителите, бил насилно внесен во бело комбе од неколку непознати лица и однесен во непознат правец. Од тој момент, никој нема никаква информација каде се наоѓа.

Киднапирањето се случило на 23 април околу 11:15 часот на шумски пат во близина на берлинската населба Вајдманслуст.

Портпаролот на берлинското обвинителство, државниот обвинител Михаел Пецолд, изјавил дека бизнисменот бил ставен во бел транспортер, најверојатно со употреба на сила.

„На 23 април во 11:15 часот, бизнисменот бил ставен во бело комбе и однесен од засега непознати мажи. Оттогаш му се губи секоја трага“, изјавил Пецолд.

Истражителите засега не можат да потврдат дали Исмет К. е жив, а дополнителна загриженост предизвикува фактот што во изминатите две недели немало никаков контакт со неговото семејство или блиските.

Поради сериозноста на случајот, истрагата ја презела Третата комисија за убиства при Берлинската криминална полиција, а германските власти не ја исклучуваат можноста да станува збор за тешко кривично дело.

Киднапирањето, според информациите од истрагата, се случило во северниот дел на Берлин, поточно кај Волфахер Пфад во Вајдманслуст. Наводно, белото комбе застанало во близина на куќата број 3, по што непознати лица насилно го внеле босанскиот државјанин внатре, ја затвориле вратата и веднаш избегале.

Обвинителството засега не открива дали пред киднапирањето имало закани или барања за пари, но не ја исклучува можноста мотивот да биде финансиски.

„Податоците од истрагата укажуваат дека финансискиот мотив не е исклучен“, додал Пецолд.

Бидејќи и по две недели нема никаква трага од исчезнатиот бизнисмен, германската полиција денеска официјално побара помош од јавноста и ги повика сите кои имаат информации за случајот или го виделе киднапирањето веднаш да се јават кај надлежните служби.

Случајот во меѓувреме предизвика големо внимание и во германските и во регионалните медиуми, додека истрагата за мистериозното исчезнување продолжува.