ПРВ.мк
Свет

Додека светот плаќа се поскапо, они заработуваат милијарди од војната во Иран!

Додека светот плаќа се поскапо, они заработуваат милијарди од војната во Иран!

Додека граѓаните ширум светот се соочуваат со нов бран поскапувања и растечки трошоци за живот поради американско-израелскиот конфликт со Иран, некои од најголемите светски компании бележат огромни профити и рекордни заработки.

Според анализата на BBC, најголемите добитници од кризата се енергетските компании, големите банки и дел од фирмите поврзани со обновливи извори на енергија, кои профитираат од нестабилноста на пазарите и стравот од нови глобални потреси.

Еден од главните фактори што ја влоши економската состојба е блокадата на Ормускиот Теснец, преку кој поминува околу една петтина од светската нафта и гас. Од крајот на февруари, транспортот низ овој важен морски премин речиси целосно запрел, што предизвика силни потреси на енергетските пазари и нагло зголемување на цените.

Токму оваа нестабилност им донесе огромна заработка на нафтените гиганти.

Британската компанија БП објави дека нејзината добивка во првите три месеци од годинава се зголемила повеќе од двојно и достигнала 3,2 милијарди долари.

И „Шел“ остварила резултати над очекувањата на аналитичарите, со квартален профит од дури 6,92 милијарди долари.

Францускиот енергетски гигант „ТоталЕнерџис“ исто така забележал огромен раст, при што профитот во првиот квартал од 2026 година пораснал за речиси една третина и достигнал 5,4 милијарди долари.

Американските компании „ЕксонМобил“ и „Шеврон“ пријавиле помала заработка во споредба со лани поради прекините во снабдувањето од Блискиот Исток, но и покрај тоа ги надминале прогнозите на аналитичарите и очекуваат дополнителен раст додека цената на нафтата останува висока.

Покрај енергетскиот сектор, огромен профит бележат и најголемите банки на Волстрит.

Трговската дивизија на ЏП Морган во првите три месеци од 2026 година остварила приходи од рекордни 11,6 милијарди долари, што претставува една од најголемите квартални добивки во историјата на банката.

И останатите финансиски гиганти од таканаречената „Голема шесторка“ — Банката на Америка, Морган Стенли, Ситигруп, Голдман Сакс и Велс Фарго — пријавиле значителен раст на профитот.

Вкупната заработка на овие банки во првиот квартал достигнала дури 47,7 милијарди долари.

Експертите објаснуваат дека огромниот профит доаѓа од зголеменото тргување на финансиските пазари, бидејќи инвеститорите масовно се повлекуваат од ризични инвестиции и вложуваат во посигурни средства.

„Високиот обем на тргување им користеше на инвестициските банки, особено на Морган Стенли и Голдман Сакс“, изјавила Сузана Стритер, главен инвестициски стратег во Wealth Club.

Но, кризата не донесе заработка само за компаниите од нафтениот и банкарскиот сектор.

Поради стравувањата од нови енергетски шокови и зависноста од фосилни горива, сè повеќе инвеститори почнале да вложуваат во обновливи извори на енергија.

Според аналитичарите, конфликтот дополнително ја засилил потребата за енергетска независност и диверзификација.

Како една од компаниите што најмногу профитирале од овој тренд се споменува „НекстЕра Енерџи“ од Флорида, чии акции годинава пораснале за 17 проценти, бидејќи инвеститорите сè повеќе гледаат кон обновливите извори како побезбедна долгорочна опција.

Додека светските пазари се тресат од неизвесноста и цените продолжуваат да растат, јасно е дека во секоја голема криза има и такви што губат, но и компании кои заработуваат милијарди токму од нестабилноста и стравот на глобалниот пазар.