ПРВ.мк
Црна Хроника

(ФОТО) ТАЖНА ВЕСТ: Почина новинарката на МИА!

(ФОТО) ТАЖНА ВЕСТ: Почина новинарката на МИА!

По долго и тешко боледување, на 53-годишна возраст почина новинарката на МИА, Ирена Радовановиќ, која важеше за едно од препознатливите имиња во македонското новинарство, особено во областа на внатрешната политика.

Нејзината професионална кариера започнала во 1991 година во неделникот „Фокус“, каде работела цела деценија, сè до 2001 година. Потоа продолжила во дневниот весник „Вечер“, каде била дел од внатрешно-политичката рубрика.

Во текот на својата работа, Радовановиќ соработувала и со повеќе медиуми, меѓу кои „Нова Македонија“, „Македонија денес“, „Денес“, како и политичките неделници „Форум“ и весникот „Дневник“, а работела и во Радио „Слободна Македонија“.

Во МИА се приклучила во 2014 година, каде работела како новинар во внатрешно-политичката редакција и како новинар-аналитичар, каде со своето искуство и знаење оставила значаен белег.

Од редакцијата и колегите се простуваат со емотивни зборови, истакнувајќи дека нејзината борба со болеста траела долго и тешко, но и со надеж до самиот крај.

„Си замина нашата Ирена. Се боревме година и пол. Тешко, со болка, но и со надеж. Мала, но надеж. На крај се предаде. Има години, месеци и денови кои се навистина тешки. Овие се токму такви“, напиша директорот на МИА, Дарко Јаневски на социјалните мрежи.

Од новинарската агенција посочуваат дека со нејзиното заминување македонското новинарство губи посветен професионалец кој оставил трајна трага во својата област.

Погребот на Ирена Радовановиќ ќе се одржи утре на гробиштата во Радишани, со почеток во 11:00 часот, додека капелата ќе биде отворена од 10:30 часот.