Слетувањето на огромниот транспортен авион „Антонов Ан-124 Руслан“ на аеродромот „Адем Јашари“ во близина на Приштина предизвика големо внимание, изненадување и бројни шпекулации во јавноста во Косово.
Станува збор за еден од најголемите товарни авиони во светот, долг речиси 70 метри, со распон на крила од околу 73 метри и носивост до 150 тони. Неговото ненадејно и, според медиумските извештаи, тивко слетување веднаш привлече внимание од фотографи и љубители на авијацијата.
Според информациите објавени во косовскиот медиум „Газета Експрес“, авионот бил забележан како слетува во среда напладне, но без претходни јавни најави или објаснување за неговата цел.
На социјалните мрежи во Косово брзо се појавија снимки и фотографии од огромниот авион на пистата, проследени со бројни коментари, изненадување и теории за неговата мисија.
Дополнително внимание предизвика фактот што летот, според извештаи на медиуми, не бил видлив на вообичаените платформи за следење на авиосообраќај, ниту за време на летот, ниту при слетувањето.
Поради недостиг на официјални информации, дел од авиоентузијастите во регионот излегоа со претпоставки дека авионот, кој често се користи за транспорт на тежок и специјален товар, можеби донел воена опрема поврзана со НАТО мисијата во Косово (КФОР).
Во обид да добијат одговори, медиуми од регионот се обратиле до косовските институции, како и до меѓународни претставници, но засега без конкретни објаснувања за целта на летот.
Од германското Министерство за надворешни работи, на кое исто така му биле упатени прашања, било одговорено дека поради принципи и чувствителноста на темата не можат да коментираат за воени транспортни операции.
До моментот на објавување, ниту косовските власти, ниту аеродромските служби не излегоа со официјално појаснување за мисијата на авионот, што дополнително ја зголемува мистеријата околу неговото ненадејно слетување во Приштина.








