Доцнењата на летови продолжуваат на аеродромите во Лондон, Брисел и Берлин по вчерашниот сајбер напад што ги погоди системите за пријава и качување на патници.
Авиокомпаниите беа приморани да преминат на рачна обработка на патниците откако нападот ја погодил компанијата Collins Aerospace, која обезбедува технолошки услуги за голем број авиокомпании. Патниците се повикуваат да го проверуваат статусот на своите летови и да пристигнуваат најмалку три часа порано за долгите летови и два часа порано за пократките.
Според податоците на Cirium, во саботата биле откажани 35 летови, а денес 38, додека Flightradar24 јавува дека на Хитроу повеќе од 130 летови имале доцнење од најмалку 20 минути. На аеродромот Завентем во Брисел, сите од над 80 летови доцнеле од 15 минути до четири часа, а 20 летови биле откажани. Во Берлин повеќе од 70 летови имале доцнења, иако дел од авионите полетале според предвидениот распоред.
Аеродромските власти истакнуваат дека проблемот е надвор од нивна контрола и дека е ангажиран дополнителен персонал за надминување на нарушувањата.