Соединетите Американски Држави привремено ќе имаат улога во управувањето со Венецуела, сè додека, како што беше соопштено, не се создадат услови за „безбедна, уредена и разумна политичка транзиција“. Ова го изјави американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција, одржана по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Трамп најави дека големи американски нафтени компании ќе влезат во Венецуела со цел обнова и експлоатација на нафтените ресурси на земјата. Според него, ќе бидат инвестирани милијарди долари за модернизација на сериозно оштетената нафтена инфраструктура, со што би се овозможило создавање приходи и економска стабилизација.
Американскиот претседател истакна дека САД веќе се присутни на терен и дека ќе ја задржат таа улога додека не се воспостави нова власт која ќе може ефективно да ја води државата. Тој нагласи дека целта е да се избегне повторување на претходни сценарија во кои, и покрај смена на власта, проблемите останувале нерешени.
Засега не се соопштени детали за правната рамка, овластувањата или меѓународните договори врз основа на кои САД би ја извршувале оваа улога во Венецуела.
Трамп потврди дека против Николас Мадуро и негови блиски соработници се подигнати обвиненија во САД за сериозни кривични дела, поврзани со нарко-тероризам. Тој испрати и предупредување дека Вашингтон ги задржува сите политички и воени опции.
Според официјални информации, американските сили извеле и воздушни операции врз цели во Венецуела, а во апсењето на Мадуро учествувала и елитна американска воена единица.
















