Молдавија ноќеска доживеа сериозен безбедносен инцидент кога вкупно шест руски беспилотни летала навлегоа во нејзиниот воздушен простор додека Русија изведуваше масовен напад врз Украина.
Првиот дрон бил забележан во областа Виноградивка–Вулканешти и летал на околу 1.500 метри пред да премине кон границата со Романија. Набргу потоа, системите за надзор детектирале уште пет беспилотни летала кои прелетале над Дондушени, Орхеј, Бендери, Вадул луи Вода и Флорешти.
Еден од дроновите паднал директно на покрив од куќа во селото Нижни Кукурешти, што предизвикало паника кај локалното население, но засега нема информации за повредени.
Министерството за одбрана на Молдавија издаде итен апел до граѓаните да не се приближуваат до пронајдени остатоци од леталата и веднаш да ги известат властите. Според нив, секој предмет може да биде потенцијално опасен.
Истовремено, Украина објави дека дел од руските дронови за време на нападот навлегле и во воздушниот простор на Романија. Претседателот Володимир Зеленски потврди дека четири „Шахед“ беспилотни летала ја нарушиле воздушната зона на Молдавија и Романија.
Ова е уште една ескалација на регионалните тензии и најнов доказ дека руските напади врз Украина претставуваат директна безбедносна закана и за соседните држави.
















