Романија денеска подигна романски и германски борбени авиони на НАТО поради сериозен инцидент кој Букурешт го нарече „нова руска провокација“. Дрон влегол длабоко на романска територија, а министерството за одбрана потврди дека пронајдени се фрагменти од леталото, иако без експлозив.
Според министерот за одбрана Јонут Моштеану, пилотите биле „многу блиску“ до одлука да го соборат дронот, но се повлекле по проценка дека остатоците би можеле да предизвикаат штета на земја.
Дронот прво бил следен од два германски „Еурофајтер“ кои биле подигнати од базата за воздушен надзор. Тој навлегол во округот Тулча, па се вратил кон Украина. Набргу потоа бил детектиран втор упад – овој пат во округот Галаци – по што полетале два романски „Ф-16“, а веднаш зад нив уште два германски ловци.
Жителите на Тулча, Галаци и Вранча добиле итно предупредување за засолниште, кое било повлечено по процена дека нема непосредна опасност. Овој упад е 13-ти регистриран од почетокот на руската инвазија во 2022 година, но е прв преку ден и најдлабок досега – дронот навлегол повеќе од 100 километри внатре во Романија.
Посебно загрижува тоа што инцидентот се случил во момент кога руските беспилотни летала ги таргетирале украинските пристаништа на Дунав, на самата граница со Романија.
За време на посетата на американските трупи во базата „Михаил Когалничеану“, американскиот генерал Кристофер Донахју најави дека наскоро во Романија ќе биде распоредено ново оружје специјализирано за соборување беспилотни летала. Според него, опремата е веќе тестирана, а романските и сојузничките војници се обучени за нејзина употреба.
Иако Романија има законска можност да соборува дронови и во мирновремени услови ако се загрозени животи или имот, досега не го искористила тоа право. Инцидентот доаѓа во период на зголемена нервоза на источниот фронт на НАТО, каде што во последните месеци се забележани повеќе руски дронови над териториите на земјите-членки.
















