ПРВ.мк
Свет

РУСИЈА СО НАЈГОЛЕМ ВОЕН БУЏЕТ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ВОЈНАТА

РУСИЈА СО НАЈГОЛЕМ ВОЕН БУЏЕТ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ВОЈНАТА

Русија планира значително зголемување на расходите за одбрана во 2027 година. Според владини документи во кои увид имал „Ројтерс“, за одбраната се предвидени 17,1 трилион рубљи, односно околу 202,6 милијарди долари. Тоа е околу 27 отсто повеќе од претходно планираните 13,5 трилиони рубљи и би било највисокото ниво од почетокот на војната во Украина во 2022 година. 

Според документите, вкупните расходи за одбрана во следните три години треба да достигнат околу 50 трилиони рубљи. За 2026 година официјално биле планирани 12,1 трилион рубљи, но реалниот износ е класифициран, а дел од воените расходи може да се водат и во други буџетски ставки.

Истовремено, руската влада ја зголемила проценката за буџетскиот дефицит во 2026 година од 1,6 на 3,2 отсто од БДП. Вкупните расходи за годинава се очекува да достигнат 48,6 трилиони рубљи, додека прогнозата за приходите од нафта и гас е намалена од 8,9 на 7,6 трилиони рубљи. 

За покривање на зголемените расходи се предвидуваат дополнителни даночни мерки и поголемо задолжување. Во 2027 година вкупното задолжување треба да порасне за 43 отсто, на 7,7 трилиони рубљи, додека државниот долг се прогнозира на 21,7 отсто од БДП. Нацрт-буџетот се очекува да биде доставен до рускиот парламент до 1 октомври.