Британската актерка Флоренс Пју јавно реагираше по тужбата на поранешна студентка на Универзитетот Корнел, која тврди дека во октомври 2024 година била дрогирана и групно силувана од седуммина студенти.
Според наводите во граѓанската тужба, случајот се случил во просториите на студентското братство Чи Фај. Пју остро го осуди и молчењето на оние кои, според неа, знаеле или слушнале што се случува.
Актерката особено реагираше на дисциплинските мерки преземени од Универзитетот. Според објавените информации, од седуммината пријавени студенти двајца биле исфрлени, додека останатите петмина добиле привремени суспензии, задолжителни едукативни работилници и пишување есеи.
Пју порача дека образовните институции не смеат да ја ставаат иднината на обвинетите студенти пред последиците што жртвите ги носат со себе.
Од Корнел, пак, тврдат дека преземените дисциплински мерки не биле минимални. Случајот предизвика големо внимание во јавноста и повторно ја отвори дебатата за начинот на кој американските универзитети постапуваат со пријавите за сексуално насилство.








