ПРВ.мк
Свет

ПУТИН СЕ СУДРИ СО ЕУ: „Дали госпоѓа фон дер Лајен ги виде остатоците од дронот?“

ПУТИН СЕ СУДРИ СО ЕУ: „Дали госпоѓа фон дер Лајен ги виде остатоците од дронот?“

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека инцидентот со пад на дрон во Романија најверојатно е поврзан со украинско беспилотно летало кое, како што наведе, отстапило од курсот. Тој истакна дека Русија е подготвена да спроведе објективна истрага, доколку романските власти ѝ достават релевантни податоци.

Зборувајќи на крајот од својата посета на Казахстан, Путин оцени дека во Европската унија често првата реакција е обвинување на Русија за инциденти со дронови, но дека подоцна, според него, во некои случаи се покажало дека станува збор за украински летала.

Тој наведе дека украински дронови претходно навлегувале во воздушниот простор на повеќе европски држави, меѓу кои Финска, Полска и балтичките земји, и дека првичните процени често биле неточни.

Путин нагласи дека без детална експертиза не може со сигурност да се утврди потеклото на беспилотно летало.

Во својата изјава, тој ја спомена и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, посочувајќи дека таа не ја посетила Романија и не ги видела остатоците од дронот, што, според него, е пример за брзи политички заклучоци без директни докази.

Од романското Министерство за одбрана претходно беше соопштено дека руски дрон погодил објект во источниот дел на земјата, при што се повредени две лица. По инцидентот, романските власти донеле одлука за дипломатски мерки против руската страна, вклучително и прогласување на руски дипломат за персона нон грата и затворање на конзулат.