Во Скопје е пријавен случај на насилство врз жена, откако сведоштво објавено на социјалните мрежи предизвика силни реакции во јавноста.
Според објавата, жената била вербално и физички нападната среде град, додека една млада девојка се обидела да интервенира и да спречи понатамошно насилство. Наместо поддршка, таа наишла на реакција од друг маж кој ѝ рекол да не се меша, со образложение дека станува збор за брачна врска и дека „маж ѝ е“.
Во сведоштвото се наведува дека насилникот ја тепал и давел жената, додека присутните биле сведоци на целиот настан. И покрај тоа, дел од минувачите не реагирале, што дополнително ја засилило вознемиреноста кај очевидците.
Младата девојка која се обидела да помогне, според објавата, исто така добила закани од насилникот.
Од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека случајот е пријавен во СВР Скопје. Според нивните информации, такси возач пријавил дека додека превезувал две лица, мажот физички и вербално ја нападнал жената, за која се претпоставува дека му е сопруга.
Полицијата презема мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.

Случајот повторно ја отвори темата за семејното насилство и реакцијата на околината, како и за потребата од итна интервенција во вакви ситуации.






