ПРВ.мк
Црна Хроника

ТРАГЕДИЈА ВО СКОПЈЕ: Млад живот згасна по несреќата кај ''Пластичарска"

ТРАГЕДИЈА ВО СКОПЈЕ: Млад живот згасна по несреќата кај ''Пластичарска"

Деветнаесетгодишен мотоциклист починал како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајна несреќа што се случила синоќа во Скопје.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена во 22:21 часот на крстосницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“. Во несреќата учествувале патничко возило „Ауди А4“, управувано од 31-годишниот Н.Х. од Визбегово, како и два мотоцикли – „БМВ“ управуван од 19-годишниот М.Ф. од Скопје и „Хонда“ управувана од 21-годишниот Н.Б. од Скопје.

Најтешко повреден бил 19-годишниот мотоциклист М.Ф., кој со тешки телесни повреди бил итно пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. И покрај интервенциите на лекарите, тој подоцна им подлегнал на повредите.

Од МВР информираат дека по наредба на јавен обвинител, возачот на патничкото возило е лишен од слобода и се преземаат понатамошни мерки за утврдување на одговорност.

На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и екипи од СВР Скопје. Се работи на утврдување на причините и околностите под кои дошло до трагичниот судир.