Поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, кој според објавените информации се наоѓа во американски притвор, се огласи преку социјалната мрежа „Икс“ со фотографија и порака до своето семејство и поддржувачите.
На фотографијата Мадуро е облечен во сива тренерка, стои покрај ѕид и се насмевнува.
Во пораката што ја придружува објавата, тој им се обраќа на своите внуци и на луѓето кои, како што вели, го сакаат и го поддржуваат.
„Мал подарок на љубов и надеж. Ја испраќам оваа фотографија како мал подарок до сите мои внуци, момчиња и девојчиња и до сите благородни луѓе кои нè сакаат. Сакам да знаете дека сме силни, со срца полни со вашата љубов“, се наведува во пораката.
Според медиумските извештаи, Мадуро и неговата сопруга биле заробени од американски специјални сили на 3 јануари, по американска воена операција во Каракас.
Два дена подоцна тие се појавиле пред федерален суд во Њујорк, каде што се соочуваат со обвиненија поврзани со наводна вмешаност во трговија со дрога.
Мадуро ги отфрла обвинувањата, а постапката против него и неговата сопруга сè уште е во тек.







