Според протечен разузнавачки меморандум до кој дошол британски „Телеграф“, поранешни припадници на западни специјални единици наводно биле ангажирани за обука на руски државјани и припадници на руската војска во приватни кампови за борбена подготовка.
Во документот, подготвен за разузнавачките служби на земјите од мрежата „Пет очи“ – САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд – се наведува со „висок степен на доверба“ дека поранешни припадници на западните вооружени сили учествувале во таква обука.
Меморандумот, според „Телеграф“, се базира на разговори со двајца поранешни припадници на австралиските специјални сили и еден резервист кој сè уште е на активна должност. Тие тврдат дека биле контактирани да работат како инструктори во кампови во други земји, каде што наводно се обучувале Руси.
Посебно се споменува центарот „Алфа-Метал“, каде, според документот, наводно работеле инструктори со искуство од британскиот САС, австралиските командоси, американските полициски единици и американските морнарички „Фоки“.
Центарот нуди курсеви за специјални операции, напредна снајперска обука и борба во затворен простор, по цена од околу 4.000 евра по лице.
Според меморандумот, руските државјани продолжиле да посетуваат вакви курсеви и по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, а наводно биле обучувани и во 2025 година.
Сепак, „Телеграф“ нагласува дека не успеал независно да ги потврди тврдењата од документот.
Од „Алфа-Метал“ категорично ги отфрлаат обвинувањата. Компанијата тврди дека никогаш не ангажирала поранешни членови на САС и дека од почетокот на војната во Украина не обучувала руски државјани.
Дополнителен сомнеж предизвикале фотографии и огласи на интернет. На веб-страницата на центарот било прикажано логото на САС, а пред околу шест месеци бил објавен и оглас на LinkedIn во кој се барал „искусен инструктор од САС“.
Компанијата, сепак, тврди дека тоа не е доказ дека такви лица навистина биле ангажирани.
Австралиската разузнавачка служба, според написот, сега ги проверува наводите од меморандумот, а резултатите би можеле да бидат споделени и со Велика Британија и САД преку мрежата „Пет очи“.
Повеќе поранешни и сегашни лица поврзани со британскиот САС ги оспориле тврдењата. Еден висок извор изјавил дека таква активност би била крајно невообичаена и дека во малата заедница на поранешни специјалци најверојатно би се дознало доколку некој навистина обучувал руски сили.
Затоа, засега станува збор за сериозни, но непотврдени разузнавачки тврдења кои се предмет на дополнителна проверка.







