Инцидент се случил со претседателскиот авион што американскиот претседател Доналд Трамп го доби како подарок од катарското кралско семејство, непосредно пред неговото патување кон Далас.
Според информации на NBC, припадници на воениот персонал случајно го активирале надувувачкиот тобоган за итна евакуација на авионот. Поради инцидентот, заминувањето на Трамп било одложено.
Американскиот претседател во тој момент пристигнал со претседателскиот хеликоптер, но наместо веднаш да се упати кон авионот, останал во хеликоптерот уште неколку минути додека надлежните ја проверувале ситуацијата.
Откако излегол на пистата, Трамп им кажал на новинарите дека службениците само го проверуваат тобоганот и дека нема причина за загриженост околу безбедноста на авионот.
„Сакаат да бидат сигурни дека сè функционира совршено“, изјавил Трамп.
На прашањето дали е уверен дека авионот е безбеден за лет, американскиот претседател одговорил дека е безбеден, додавајќи дека во спротивно не би се качил во него.
По проверките, авионот полетал кон Далас, каде што слетал безбедно, но неколку часа подоцна од првично планираното.
Станува збор за луксузен „Боинг 747-8“, кој катарското кралско семејство минатата година му го подари на Трамп.







