ПРВ.мк
Македонија

Голема промена кај Бит-пазар: Дивиот премин ќе стане регулиран, се чека мислење од МВР

Голема промена кај Бит-пазар: Дивиот премин ќе стане регулиран, се чека мислење од МВР

Град Скопје подготвува ново сообраќајно решение за проблематичниот премин кај Бит-пазар, каде што е предвидено поставување регулиран пешачки премин и семафори со тастер.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски објасни дека одлуката преминот да остане отворен е донесена по консултации со граѓаните, особено имајќи ги предвид повозрасните лица кои тешко можат да го користат натпатникот што со години е затворен и запуштен.

Наместо целосно затворање на преминот со ограда, решението предвидува негово законско и безбедносно уредување. Семафорите за пешаците би се активирале со тастер, со цел преминувањето да биде побезбедно, а истовремено да се избегне создавање дополнителен сообраќаен метеж.

Според Ѓорѓиевски, проектот се изработува во координација со ЈП „Улици и патишта“ и СВР Скопје, врз основа на направените анализи и законските правила.

Од Град Скопје информираат дека сообраќајното решение веќе е испратено до Министерството за внатрешни работи, од каде што се очекува мислење за проектот.

По завршувањето на потребните процедури и исполнувањето на условите за реализација, ќе се пристапи кон поставување на соодветната сигнализација, пешачкиот премин и семафорите.

Засега нема конкретен датум кога новото решение ќе биде реализирано. Од Градот посочуваат дека рокот ќе биде познат откако ќе завршат процедурите и ќе биде финализиран проектот.

Преминот кај Бит-пазар подолг период предизвикува реакции во јавноста. Претходно имаше обид за негово затворање со ограда, по што следуваа реакции и протест на граѓани, а на локацијата беше регистрирана и сообраќајна несреќа во која беа повредени двајца пешаци.