ПРВ.мк
Македонија

Проверете дали сте на списокот: Над 500 ваучери за инвертер клими, еве како да ги искористите

Проверете дали сте на списокот: Над 500 ваучери за инвертер клими, еве како да ги искористите

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ги објави списоците со добитници на финансиска поддршка за набавка и вградување инвертер клима-уреди за 2026 година.

Во рамки на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, доделени се над 500 потврди-ваучери за домаќинства кои ги исполнуваат предвидените услови.

Поддршката е наменета за домаќинства во кои едно или повеќе лица се корисници на надоместок поради попреченост согласно Законот за социјална заштита, како и за домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост кои користат посебен додаток до 26-годишна возраст.

Добитниците можат да го проверат објавениот список на официјалната страница на МЕРМС.

Список на добитници на ваучери за инвертер клими

Ваучерите мора да се искористат до 15 октомври

Од Министерството потенцираат дека добитниците треба навреме да ја започнат постапката бидејќи крајниот рок за реализација на ваучерите е 15 октомври 2026 година. По овој датум ваучерите повеќе нема да можат да се користат.

Добитниците најпрво треба да ја проверат електронската адреса наведена во нивниот кориснички профил. На неа треба да добијат решение за стекнатото право, записник односно прашалник кој се пополнува по монтажата и баркод или QR-код за идентификација на ваучерот.

Решението и записникот треба да се испечатат, а потоа со документите и добиениот баркод или QR-код корисникот треба да избере правно лице кое има склучено договор со Министерството за реализација на мерката.

Список на правни лица каде може да се реализира ваучерот

Избраното правно лице потоа ја спроведува набавката и монтажата на инвертер клима-уредот согласно условите од програмата, а по завршувањето на монтажата корисникот треба да го пополни доставениот записник.

Од МЕРМС апелираат граѓаните да не чекаат до последниот момент за да го реализираат ваучерот.

За проблем со недоставени или погрешно доставени документи и други прашања поврзани со мерката, граѓаните можат да се обратат во Министерството на 071 320 384 или на [email protected].