Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ги претстави новините во ажурираната Листа на есенцијални лекови, која се обновува по повеќе од една деценија. Претходната листа датираше од 2015 година.
Новата листа содржи вкупно 392 лека, при што се додадени 193 нови лекови и активни супстанции, а 12 се отстранети.
Со ажурирањето се опфатени 28 терапевтски области, меѓу кои онкологија, кардиологија, неврологија и други области, а за првпат се вклучуваат и лекови за повеќе заболувања кои досега не биле дел од листата.
Клековски новините ги претстави заедно со Аким Али од СЗО Македонија и проф. Зоран Стерјев од Фармацевтскиот факултет.
Значајна новина е и воведувањето на класификацијата на Светската здравствена организација за антибиотици, поделени во категории со широк пристап, „под надзор“ и резервни антибиотици. Целта е порационална употреба на антибиотиците и подобра заштита од антимикробна резистенција.
„Здравствената политика треба не само да лекува болест, туку и активно да го штити и унапредува здравјето на населението“, истакна Клековски.
Министерот појасни дека Листата на есенцијални лекови ги утврдува клиничките и јавно-здравствените политики и приоритети, додека финансирањето на лековите се регулира преку Позитивната листа.
Новата Есенцијална листа е резултат на работата на Националната платформа за лекови, во која биле вклучени сите релевантни чинители – од институциите и стручната јавност до пациентските организации.
Од Министерството оценуваат дека ажурирањето претставува значаен чекор кон посовремен, поправичен и поодржлив здравствен систем.








