Нов прекин во снабдувањето со сурова нафта го раздвижи европскиот пазар, откако Саудиска Арабија почна да ги намалува испораките кон Европа по оштетувањето на важен извозен цевковод кон Црвеното Море.
Како што објави „Ројтерс“, повикувајќи се на извори запознаени со трговијата и транспортот на нафта, нападите со беспилотни летала предизвикале оштетувања на инфраструктурата, поради што Кралството било принудено да преземе мерки што директно влијаат врз извозот.
Саудиска Арабија за нападите ги обвини ирачките милиции. Инцидентите во петокот довеле до затворање на цевководот „Исток-Запад“, кој во изминатите шест месеци имал значајна улога во транспортот на саудиската нафта кон Црвеното Море.
Овој цевковод е особено важен бидејќи овозможува извозот да се одвива без користење на Ормускиот Теснец, една од најзначајните светски поморски рути за транспорт на нафта.
Последиците веќе ги почувствувале европските купувачи. Саудиска Арабија ги известила дел од своите клиенти во Европа дека одредени пратки планирани за товарење во септември ќе бидат откажани. Во исто време, прекинато било и товарењето на нафта во пристаништето Јанбу.
Од „Сауди Арамко“, најголемиот саудиски производител на нафта, засега не дадоа коментар за ситуацијата.
Прекинот на извозната рута отвора можност Саудиска Арабија да се обиде да пренасочи дел од своите количини преку Ормускиот Теснец, вклучително и преку таканаречени „темни испораки“ – начин на транспорт што веќе го користат и други производители од регионот, меѓу кои Обединетите Арапски Емирати и Ирак.
Според трговски извори, преку вакви испораки производителите од земјите од Заливот моментално извезуваат помеѓу 7 и 9 милиони барели нафта дневно. Тоа претставува околу 30 до 40 отсто од количините што се извезувале пред војната.
Намалувањето на достапната нафта веднаш изврши притисок врз цените на европскиот пазар. Фјучерсите на „Брент“ се приближија до 108 долари за барел, додека физичкиот европски пазар бележи уште повисоки вредности.
Реперот „Dated Brent“, според податоците на LSEG, достигна околу 122 долари за барел, што покажува колку силно нарушувањето на снабдувањето се одразува врз реалниот пазар.
Сепак, податоците за последните недели покажуваат дека Саудиска Арабија претходно го зголемила темпото на товарење. Според податоците на Vortexa, во периодот од 7 до 13 септември биле натоварени околу 22 милиони барели нафта на 12 танкери на терминалите Рас Танура и Џуаимах.
Тоа е значително повеќе во споредба со претходните три недели, кога неделно биле товарени помеѓу шест и седум танкери.
Меѓу европските компании кои се соочуваат со последиците од прекинот е и полскиот нафтен гигант „Орлен“. Компанијата веќе почнала итно да бара алтернативни извори на сурова нафта, вклучително и од Северното Море и други региони, со цел да го надомести прекинатиот увоз од Саудиска Арабија.
„Арамко“ е главен снабдувач на „Орлен“ уште од 2022 година и обезбедува околу 40 отсто од потребите на компанијата за нафта.
Со зголемувањето на увозот од Саудиска Арабија, Полска во изминатиот период успеа да ја намали својата зависност од руската нафта. Истовремено, сепак, тоа значеше и поголема зависност од саудискиот производител.
Од „Орлен“ не сакаа да откриваат детали за конкретните комерцијални трансакции поврзани со набавките. Од компанијата соопштија дека активно управуваат со снабдувањето и набавките со цел да обезбедат непречено функционирање на рафинериите, во услови на нарушувања на пазарот.
Состојбата со саудискиот извоз и понатамошното движење на цената на нафтата ќе зависат од тоа колку брзо ќе се стабилизира оштетената инфраструктура и дали дел од прекинатите количини ќе може да се пренасочат кон други извозни рути.






