ПРВ.мк
Свет

Поротата пресуди: Крис Браун одговорен за нападот на кучето врз домашна помошничка

Поротата пресуди: Крис Браун одговорен за нападот на кучето врз домашна помошничка

Американскиот пејач Крис Браун ќе мора да ѝ исплати речиси 13 милиони долари отштета на својата поранешна домашна помошничка, откако судска порота во Лос Анџелес го прогласи за одговорен за напад од неговото куче.

Случајот се однесува на инцидент од 2020 година, кога Марија Авила била нападната на имотот на Браун во калифорнискиот град Тарзана. Според сведочењето на суд, кавкаскиот овчар на пејачот, тежок околу 90 килограми, ја нападнал додека таа го празнела ѓубрето.

Авила тврдела дека кучето ѝ нанело исклучително тешки повреди, меѓу кои трајни лузни, обезличување на лицето, оштетување на нервите и губење на видот. По двонеделно судење, поротата пресуди дека Браун и неговата компанија Black Pyramid LLC биле небрежни и треба да ѝ исплатат 12,9 милиони долари.

За време на процесот било наведено дека пејачот по нападот го напуштил имотот наместо веднаш да повика итна помош или да ѝ помогне на повредената жена. Браун пред судот изјавил дека бил во шок кога ја видел Авила покриена со крв и дека го послушал советот на својот менаџер да си замине пред пристигнувањето на службите, за да избегне медиумско внимание.